ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Започна повторното судењето за сопственикот на „Беса Транс“

Седум месеци по одлуката на Апелациониот суд за враќање на предметот „Беса Транс“ на првостепено судење, денес започна повторното судење. Сопственикот на компанијата, Беким Хаџиу, кој е првообвинет во овој предмет, се гони за фалсификување на лиценцна сертификата за меѓународен транспорт. На првото судење беше осуден на 20 месеци затвор, но денеска повторно пред судот изјави дека не се чувствува виновен за делото што му го става на товар обвинителството. Истото го изјави и претставникот на правното лице „Беса Транс БТБ“, Ариф Ковачи.

Advertisements

Обвинителот Владимир Милошевски нагласи дека останува на првичната обвинителна квалификација, истакнувајќи дека автобусот што се судри во Бугарија на 23 ноември 2021 година, каде што загинаа 45 лица, немал важечка лиценцна сертификата за меѓународен транспорт. Дополнително, од 10 јануари 2021 до денот на несреќата, истиот автобус ја поминал границата со фалсификувана лиценцна сертификата вкупно 20 пати. За ова, според Обвинителството, е виновен сопственикот на компанијата, Беким Хаџиу, кој преку различни возачи овозможил автобусот да сообраќа на различни релации. Најчеста, според листата што ја изнесе обвинителот, била релацијата Скопје – Истанбул, преку граничниот премин „Деве Баир“, а неколкупати автобусот патувал и во Призрен, Поградец, Драч и Тирана преку „Блаце“ и „Ќафасан“.

  1. 10.01.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  2. 17.01.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  3. 14.02.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  4. 22.02.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  5. 25.04.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  6. 02.05.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  7. 05.05.2021 „Блаце“ Скопје – Призрен
  8. 09.05.2021 „Блаце“
  9. 23.05.2021 „Ќафе Тане“ Скопје – Поградец
  10. 27.05.2021 „Блаце“ Скопје – Призрен
  11. 01.07.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  12. 08.07.2021 „Блаце“ Скопје – Драч
  13. 24.07.2021 „Блаце“
  14. 02.08.2021 „Блаце“ Скопје – Тирана
  15. 05.08.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  16. 10.08.2021 „Блаце“
  17. 26.08.2021 „Блаце“
  18. 05.09.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  19. 14.10.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул
  20. 21.11.2021 „Деве Баир“ Скопје – Истанбул

Одбраната постојано негира дека е направено фалсификување на лиценцната сертификата и инсистира на формулацијата дека за да има фалсификат, некој треба да изработи лажен документ, што според нив, во овој случај не се случило. Сепак, Обвинителството изјави дека доказите покажале оти автобусот на „Беса Транс“ користел општа лиценца на граница, која се однесува само на функционирањето на правниот субјект, наместо специјална лиценца.

Хаџиу се наоѓа на обвинителна клупа од 15 ноември 2022 година, кога за првпат започна судењето за овој предмет. На 7 март 2024 година Кривичниот суд ја донесе пресудата со која го осуди Хаџиу на 20 месеци затвор, а компанијата на парична казна од 13 илјади евра. Хаџиу поднесе жалба до Апелациониот суд, кој во декември 2024 година го врати предметот на повторно судење. Оттогаш неколку рочишта беа одложени, а денеска започна повторното судење. Следното рочиште е закажано за 22 септември, кога се очекува да бидат повикани како сведоци претставници од Министерството за транспорт и од Царината.

Несреќата што се случи во Бугарија останува една од најтешките во историјата на земјата, кога автобусот на „Беса Транс“, кој се враќал од Истанбул со домашни туристи, удрил во заштитната ограда на автопатот Струма, во близина на бугарското село Боснек. Меѓу 45-те загинати имало 12 деца, а 7 патници преживеале.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button