Таравари рамо до рамо со функционерите на ДУИ го прошетаа Еди Рама низ Старата скопска чаршија

Учеството на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците во неформалната прошетка на премиерот Еди Рама, заедно со функционерите од ДУИ, ден претходно низ Старата чаршија во Скопје, предизвика реакции од неговите поранешни соработници од коалицијата ВЛЕН. Тие особено ја коментираа блискоста на Таравари со Бујар Османи, висок функционер на ДУИ, кој на последните претседателски избори му беше противкандидат за функцијата претседател на државата.
Претседателот на партијата Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, иронично напиша дека, ако ништо друго, премиерот Рама барем успеал да ги спои Бујар Османи и Арбен Таравари.
„Следниот пат можеби ќе има и поважна мисија. Ти благодарам, Премиере, што ги обединуваш Албанците!“, напиша Ибрахими со иронија.
„Стар филм со нови актери“ – така Арбен Фетаи ја нарече прошетката на Таравари со албанскиот премиер, во друштво на функционери од опозициската ДУИ. Според него, Таравари е заложник на Али Ахмети, и затоа биле преземени чекори за да се заштити Алијансата од канџите на Ахмети.
„Докторот и пациентот ја започнаа кампањата рака под рака, поддржувајќи ја рехабилитацијата на Али и целата мрежа на 22-годишната кражба и предавство. По ова срамно нормализирање, следниот чекор ќе биде уште понизок, уште погнасен.“
Јавната блискост на Таравари со функционери од ДУИ можеби остава простор да се претпостави дека слични сцени ќе се гледаат и за време на изборната кампања во октомври. Таравари вчера за медиумите изјави дека се водат разговори со ДУИ, но дека тие сè уште не се финализирани. Тој изрази задоволство што Ахмети ги исполнува ветувањата што ги дал во врска со кандидатите за градоначалници, и со голема сигурност изјави дека неговиот сопартиец Лимани ќе биде кандидат за Гостивар. Сепак, сè уште нема јасна одлука од Претседателството на ДУИ дали ќе се согласат да не излезат со свој кандидат за градот кој некогаш ДУИ го сметаше за свој бастион.
Суад Бајрами