Водечки европски компании побараа „паузирање“ на Законот за вештачка интелигенција на ЕУ

Ја повикуваме Комисијата да предложи двегодишно „паузирање“ на Законот за вештачка интелигенција, пред да стапат во сила клучните обврски од него, се наведува во писмото, меѓу чии потписници се и првите луѓе на „Ербас“, „Тотал “, „Луфтханза“, АСМЛ и „Мистрал“.
Во писмото компаниите посочуваат дека „нејасните, преклопувачките и сложените“ одредби на регулативата ги ограничуваат нивните можности за работење во Европа.
Според потписниците на писмото, паузирањето би сигнализирало дека ЕУ е сериозна во врска со плановите за поедноставување на процедурите за иноваторите и инвеститорите и за зајакнување на конкурентноста.
Компаниите бараат одлагање на стапувањето во сила на општите одредби од Законот за вештачка интелигенција, чија примена треба да почне од 2 август годинава, кои, според нив, би почнале да се применуваат од август 2026 година заедно со останатите правила.
Изминатиов период зајакна притисокот на повеќе фирми, пред сѐ на технолошките гиганти, за измени на Законот, а и самата Европска комисија најави негово преиспитување во рамки на мерките за „административно поедноставување“, односно за намалување на бирократските процедури со цел да се олесни работата на компаниите и да се поттикне развојот на економијата во ЕУ.
Законот за вештачка интелигенција на ЕУ, кој е прва сеопфатна законска регулатива во светот за оваа технологија, е дизајниран да гарантира дека вештачката интелигенција развиена и користена во Унијата е безбедна и доверлива и дека се преземени мерки за заштита на основните права на луѓето.
Со Законот се воспоставуваат стандарди за обезбедување минимален ризик при користењето на системите за вештачка интелигенција и за нивна целосна транспарентност. За оние системи за вештачка интелигенција што се идентификувани како високоризични се предвидени строги барања, кои меѓу другото вклучуваат и мерки за намалување на ризикот, евиденција на активностите, комплетна документација, човечки надзор и кибер безбедност.
Со Законот се забранува користење на системи за вештачка интелигенција кои се сметаат за „јасна закана за основните човекови права“, како што се апликации за манипулирање со однесувањето на луѓето, играчки кои со гласовна помош можат да поттикнат „опасното однесување“ на малолетниците, како и системи кои овозможуваат „социјално оценување“ од владите или компаниите.
Тој официјално стапи во сила лани во август, а до 2 август 2025 година земјите членки на ЕУ треба да почнат со примина на основните одгредби.