Кумановци се жалат дека во утрински часови се чувствува мирис на пластика

Кумановци утрово повторно реагираа на мирис на пластика и бараат надлежните органи да интервенираат и да ги фатат сторителите, информира РЦУК Куманово.
– Од 112 утринава во 05:40 часот имаме поплака од граѓанин кај автобуска станица на Куманово на загаден воздух кој мириса на пластика и бара од надлежните да излезат на терен да ги најдат виновниците кои цело време палат пластика и го загадуваат воздухот во Куманово, велат од РЦУК.
Граѓаните од месната заедница „Панче Пешев“ Куманово, одржаа состанок на кој разговараа со проблемите од речиси секојдневното палење на отпад, смет, шут, гуми на потегот над нивната урбана заедница од Спомен костурницата сè до влезот на населбата „Перо Чичо“. Граѓаните од овој дел на Куманово постојано се жалат на чад и огин кој го предизвикуваат несовесни граѓани. Во изјавата за медиумите, жителите на „Октомвриска револуција“ посочија дека постојано дишат загаден воздух, немаат можност да отворат прозорци, не можат да излезат и да се дружат во населбата, укажувајќи дека несовесното однесување го отежнува нормалното живеење во урбаната заедница. Благо подобрување, велат граѓаните има по одржување на кризниот штаб.