Во Австралија подметнат пожар во синагога додека внатре имало верници
Во Австралија подметнат пожар во синагога додека внатре имало верници

Австралиската полиција синоќа уапси маж осомничен дека подметнал пожар во синагога во Мелбурн додека внатре имало верници, што е најнов во серијата инциденти насочени против еврејската заедница во земјата. Израел го осуди како гнасниот напад врз Евреите и повика на обезбедување правда.
34-годишниот маж е осомничен дека го подметнал пожарот на влезната врата од фреквентната верска зграда во Мелбурн во петокот вечерта, за време на Шабат – традиционалниот еврејски ден на одмор. Во синагогата, една од најстарите во Мелбурн, имало 20 луѓе кои вечерале, но никој не бил повреден. Успеале да избегаат, а пожарникарите го изгаснале пожарот.
„Детективите ќе продолжат да ги испитуваат намерите и идеологијата на осомничениот за да утврдат дали се работи за терористички напад“, се наведува во полициското соопштение. Мажот е обвинет и за загрозување на човечки животи.
Австралија бележи повеќе антисемитски инциденти од почетокот на војната помеѓу Израел и Газа во октомври 2023 година. Властите истражуваат дали пожарот во синагогата е поврзан со немирите во петокот вечерта во израелски ресторан во Мелбурн, при што едно лице било уапсено поради попречување на полицијата. Според Еврејскиот совет на Австралија – главното тело на австралиските Евреи – ресторанот бил значително оштетен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инцидентите ги опиша како „тешки злосторства од омраза“.
„Државата Израел ќе продолжи да стои зад еврејската заедница во Австралија“, изјави тој на X, повикувајќи ја Австралија да обезбеди правда и да го осуди „насилниот напад“ за кој, како што рече, го извршиле „пропалестински хулигани“.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе во саботата го осуди „кукавиачкиот“ напад кој можел да има „катастрофални последици“ и го опиша наводното подметнување пожар – седум месеци по нападот врз друга синагога во Мелбурн – како шокантно.