Европратениците ќе дебатираат по Предлог-извештајот на Вајц за земјава

Европскиот парламент ја повторува својата целосна поддршка на континуираната и доследна посветеност на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ и на потребните трансформативни промени што се потребни за исполнување на критериумите за пристапување, ја пофалува посветеноста на земјата на европската интеграција и ги охрабрува континуираните напори за унапредување на реформите усогласени со ЕУ и покрај предизвиците и неуспесите што го тестираа трпението и довербата на македонското општество, се наведува во Предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц по извештаите на Европската комисија за земјава за 2023 и 2024 година, за кој денеска ќе дебатираат членовите на ЕП во рамки на овонеделната сесија во Стразбур.
Во документот се посочува дека земјава има статус на кандидат за членство ЕУ од 2005 година, дека успешно го заврши скрининг процесот во декември 2023 година и дека аспирациите на граѓаните за приклучување кон Унијата доведоа до напредок во однос на демократијата и социо-економските реформи, но сепак процесот на пристапување и натаму за жал се соочува со одложувања од различни причини.
– (ЕП) подвлекува дека пристапувањето кон ЕУ останува прашање на политичка волја во исполнувањето на критериумите и спроведувањето на преземените обврски, во однос на имплементирањето на потребните реформи и усвојувањето на уставните амандмани, се вели во Предлог-извештајот, при што се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ.
Во документот се наведува дека согласно своите обврски од заклучоците на Советот од јули 2022 година, земјава „треба да ги спроведе уставните измени за да може веднаш да заврши почетната фаза на пристапните преговори“, како и дека македонските власти „предложиле решенија за уставни промени кои не ги исполнуваат условите од заклучоците на Советот од јули 2022 година“.
Во точката К од документот се посочува дека Советот „не го исклучи недвосмислено поставувањето на понатамошни нови услови за започнување на пристапните преговори“, па во членот 3 европратениците го повикуваат Европскиот совет „јавно и недвосмислено да сигнализира дека Советот има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за преминување во следната фаза од преговорите за пристапување со Северна Македонија откако ќе бидат исполнети условите од неговите заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.
На овој член 3 е поднесен заеднички амандман предложен од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кој се предлага бришење на делот од текстот: „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет…“.
Во продолжение на членот 3 се додава дека ЕП ги охрабрува сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за уставните амандмани, што „би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзал нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, при што се нагласува дека зајакнувањето на врските меѓу различните етнички заедници е „од суштинско значење за подобрување на социјалната кохезија и обезбедување поефикасно управување“ и се повикуваат земјите членки, Советот и Комисијата да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување, со цел да се одржи големата поддршка за пристапување во земјите од опфатени со процесот на проширување. Во точката Л од предлог извештајот се потсетува дека „ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“, но со заеднички амандман предложен од Халицки, Ван Бремпт и Барна во име на нивните групи се предлага целосно бришење на оваа точка.
За разлика од нив, Вајц предлага останување на точката Л и додавање на нова точка Л-а која би гласела: „со оглед на тоа што прашањата за јазикот, идентитетот и културата се по природа чувствителни, особено во контексти што вклучуваат сложени историски наративи и нови независни држави“.
– (ЕП) ја поздравува посветеноста на македонскиот народ на интеграцијата во ЕУ и поддршката што тој ја покажува на овој проект две децении од почетокот на процесот; ја повикува Комисијата да направи се што е можно за да им помогне на властите на Северна Македонија да ги остварат потребните чекори пред да влезат во следната фаза на преговорите, како и понатаму во процесот на преговори, за да помогне во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и земјата и да ги почувствуваат сите мерки од постепена интеграција во структурите на ЕУ, со што ќе се зголеми довербата во ЕУ и нејзините демократски вредности, се наведува во Извештајот.
Во документот се потсетува и дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање на билатерални спорови, да се попречува напредокот на европскиот пат заснован на заслуги или да се потиснуваат пошироките стратешки интереси на Унијата, туку таквите спорови мора да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка.
– Пристапните преговори треба да следат јасен пат, воден од објективни критериуми и единствено врз основа на заслуги и исполнување на критериумите за пристапување (Копенхашките критериуми), кои бараат длабински реформи во фундаменталните области, како и присуство на стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, се додава во документот.