Песков: Немаме потврда за заканите на Трамп во 2024 година, денес има многу дезинформации

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека руските власти немаат потврда за тврдењата оти американскиот претседател, Доналд Трамп, во 2024 година, се заканил дека ќе ги „бомбардира“ Москва и Пекинг, нагласувајќи дека дезинформациите преовладуваат во денешното информативно опкружување.
„Дали ова е вистина или не – ниту ние не знаеме. Денес има многу лажни информации, честопати повеќе од веродостојни. Секогаш тргнуваме од тоа кога анализираме какви било вести“, рече Песков како одговор на новинарско прашање за автентичноста на овие изјави, објави РИА Новости.
Според аудио-снимка објавена од Си-Ен-Ен, Трамп на приватен состанок на донатори во 2024 година рекол дека еднаш се обидел да го одврати рускиот претседател Владимир Путин од напад врз Украина, заканувајќи се дека во тој случај ќе ја „бомбардира Москва“.