СДСМ: Институциите ја губат контролата со пожарите

Хаосот и слабата организација со која институциите ја дочекаа сезоната на пожарите ја прават Македонија небезбедна за граѓаните и нивниот имот, велат од СДСМ.
Во партиското соопштение се додава:
„Истовремено има десетици пожари на кои се дејствува доцна и со недоволни ресурси, граѓаните сами се снаоѓаат и се борат со огнот на многу места низ земјата. Последните пожари во близина на Скопје се реална закана по здравјето и безбедноста на граѓаните — гори на Скопска Црна Гора, во Визбегово е запалена опасна депонија од која се шири густ црн чад и го загрозува населението во целиот скопски регион.
ВМРО-ДПМНЕ ветуваше добра организација и нови ресурси, откако лани им изгореа над 10% од територијата на Македонија, но од тоа нема ништо. Ниту се набавени нови возила, ниту се обезбедени нови пожарникари, се доцни со огласот за волонтери на кои им се понудени срамни 24.000 денари, се пренаменуваат армиски возила кои не можат да одат по непристапни терени и се речиси неупотребливи.
Неспособноста на власта удира по здравјето на граѓаните и ја уништува природата. Како што ВМРО-ДПМНЕ управува хаотично со сите сектори, истата неспособност и импровизација сега ја гледаме и во справувањето со пожарите. За една година власт на ВМРО-ДПМНЕ изгоре повеќе територија отколку за сите седум години власт на СДСМ“, се вели во соопштението од опозициската СДСМ.