Матурантите се закануваат со протести доколку нивните барања не бидат прифатени

Матурантите се закануваат со протести доколку нивното барање за измена на државната матура не добие разрешница до крајот на неделава. Денеска е десетти ден од бојкотот на наставата.
“Ако и институциите не се подготвени да најдат конкретно решение за ова прашање, тогаш нормално ќе избереме други мерки протестирајќи на улиците, но тоа ќе зависи од епилогот на состаноците што ги имаме денеска и утре”.
По консултациите со опозициските партии, Сојузот се сретна и со претставници на владејачката албанска партија, ДУИ. Од партијата на Ахмети велат дека ќе ги достават барањата на матурантите до Владата за изнаоѓање решение во рамките на сегашната законска рамка.
Но, ВМРО-ДПМНЕ вчера достави предлог-закон за изменување и дополнување на законот за средно образование. Алијансата за Албанците и Алтернатива дадоа поддршка за барањата на матурантите. Во меѓувреме, СДСМ и Министерството за образование велат дека законот е јасен и оти ова прашање е невозможно да се смени за оваа учебна година.
Претставниците на средношколците велат дека ги собираат сите информации за закани од професорите и во наредните денови ќе ги објават.
„Во моментов ги документираме, да ги имаме како факти и аргументи, како „скриншотови“ за да не се појавуваме пред медиумите и да споменуваме хипотетички работи без аргументи…“
Од второто полугодие, матурантите бараат во државниот матурски испит да се отстранат два од четирите предмети. Од МОН велат дека за таквата промена е потребно време и оти сега е доцна да се спроведе. Државната матура се полага во три наврати, односно во мај, во јуни и во август.
Vjollca Aliti