Левица: Продажбата на државното земјоделско земјиште во приватни раце е чекор назад кон феудализам

Левица, државното земјоделско земјиште го смета за природен ресурс, кој го поседува оваа држава, заедно со сите други природни ресурси како: водата, шумите, рудните богатства. Следствено на тоа, овие ресурси му припаѓаат на народот кој живее овде, реагираат од политичката партија Левица по најавите од владата дека во следните години се планира продажба на државното земјоделско земјиште.
Во партиската реакција меѓудругото се вели:
Владата, преку премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими најави продажба на државно земјоделско земјиште во наредните 3 години – 2021, 2022 и 2023. Ова распродавање на земјиштето е планирано да почне од втората половина на 2021 година. Владата планира продажба на 20 – 30% од вкупното државното земјоделско земјиште, кое според нивни проценки вреди повеќе од 2 милијарди евра.
Со отуѓувањето во приватни раце на земјоделското земјиште, државата се лишува од можноста за планско земјоделско производство, идни аграрни реформи, а се загрозува и производството на здрава храна за во иднина, бидејќи, питка вода и незагадена почва ќе бидат се’ повеќе реткост во иднина.
И покрај тоа што Македонија има благопријатни природни услови за земјоделство, сепак, очигледно тоа, не само што не е приоритет на властите, туку истото е апсолутно занемарено.
Затоа застануваме во одбрана на земјоделците, селаните, и сметаме дека државата има обврска да ги заштити интересите на работниот народ, и да се спротивстави на појавата на тенденции на нов феудализам и експлоатација на земјоделците и работниците од страна на странски и домашни крупни капиталисти и земјопоседници.