СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе претседаваат со по осум собраниски комисии


Алсат
05.09.2020 17:05
Постигнат е консензус за поделба на работните тела во Собранието. Како што дознава Алсат, сите парламентарни партии организирани во пратенички групи ќе претседаваат со комисиите врз основа на бројот на пратеници што ги поседуваат. Извори на Алсат велат дека Коалицијата „Можеме“ ќе предводи со осум комисии, а толку ќе има и најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ. ДУИ ќе води три комисии, а опозициската коалиција Алијанса и Алтернатива две комисии. Форматот на комисиите и конкретната поделба се очекува да се објави следната недела.
„На почетокот на следната недела очекуваме сите координатори да се соберат и да ги назначиме раководителите на работните тела заедно со членовите“, велат од СДСМ.
ВМРО ДПМНЕ оценува дека одолговлекувањето во формирање на работните тела ја попречува работата на Собранието.
ДУИ, како што дознава Алсат, ќе ја води Комисијата за уставни прашања, тело кое според Деловник, му припаѓа на првиот човек на Собранието. Партијата на Али Ахмети ќе раководи и со Комисијата за здравство, а во наредните денови се очекува да се определат за една од комисиите, за образование или европски прашања. Се дознава дека поделбата на комисиите во Коалицијата „Можеме“ има застој поради недоразбирањата меѓу Беса и СДСМ. Партијата на Билал Касами ја бара Комисијата за европски прашања, за која неофицијално се вели дека се зборувало уште од формирањето на предизборната коалиција. Со поделбата на работните тела, Собранието се враќа во целосна функционалност и се создаваат услови за предлагање и донесување закони.
Адриан Керими