Еколози: Фекалии се излеваат во Охридското Езеро

Фекалии со денови се влеваат директно во водите на Охридското езеро, од две локации кај населбата Грашница во Охрид и на потегот кај населбата Даљан и Подмоље во правец на Струга – велат еколозите. Тие бараат изградба на нов колекторски систем, наместо санација на постојниот.
„При помали врнежи доаѓа до излевање на колекторскиот систем. Фекалиите директно се влеваат во езерото. Класични фекалии од домаќинствата, од секаде фекалии. Сега сме месец февруари, но ова се случува и во летните месеци. Се случува и кога нема врнежи. Кај нас реагирале граѓани, кој што со кајчиња влегуваат кај трската кај Подмоље и кои буквално заглавуваат во фекалии во длабочина од сто метри од кррајбрежјето“, рече Борис Стојаноски-еколошко друштво Грашница.
„Колекторот не може да ја прима канализацијата и таа се излева во Охридското езеро. Мислејки ако овде се излее е малку понастрана од центарот на градот и тоа нема да се осети, но за жал е голем проблем“, вели Лазо Наумоски-граѓанин.
Од Јавното претпријатие Колекторски систем велат дека не се излеваат фекалии, туку дека станувало збор за вишок атмосферска вода, која се слева во колекторскиот систем. Сметаат дека е потребно одвојување на атмосферската од секундарната канализација.
„Решението почна пред повеќе од 15 години, кога почна да се одвојува атмосферската од секундарната канализација, но затаија тогаш работите и не се заврши сето тоа. Истиот тој проблем, ние го имаме и денеска и токму тоа е проблемот со излевањето на вишокот атмосферска вода кој е влезена во нашиот колекторски систем“, рече Владимир Алексиески – директор на ЈП Колекторски систем.
На почетокот на август, беше реконструиран цевководот на колекторот во должина од три километри, вклучувајќи ги и четирите критични точки од кои во минатото редовно се излеваа фекалии во езерото, што е помалку од 10 % од целиот систем. Инаку Владата на вчерашната седница ги задолжи Министерствата за животна средина и за финансии да обезбедат средства за изградба на колекторски систем од Калишта до Радожда како приоритетен за 2021 – 2022 година.
Мики Трајковски