Професорите од ПМФ едногласни: Избрзана и недоволно осмислена реформа во образованието

При изработката на новата концепција за основно образование не се искористени компетенциите на универзитетските наставници од Природно-математичкиот факултет каде се едуцира наставен кадар за пет општообразовни предмети за основно и средно образование – хемија, физика, биологија, географија и математика. Професори на ПМФ на минатонеделната јавна расправа во Собранието рекоа дека новата концепција за образованието има недоречености во многу битни делови од кои зависи квалитетот и за кои е потребно повеќе време да се најде најсоодветното решение, пренесува мкд.мк.
Како што предупредуваат професорите, спојувањето на предметите ќе предизвика проблеми при оценувањето на учениците од страна на повеќе наставници за еден предмет. Имено, се предлага една завршна оценка, со „опис на преференците во додатокот на свидетелство“.
Професорите посочуваат дека најпрвин е неопходна проверка на моделот преку пилот паралелки. Во таа насока, предлагаат МОН најпрвин да ги надмине недостатоците во училиштата преку подобрувањето на инфраструктурата, опременоста на училиштата со лаборатории и обуки за наставниците. Дури потоа да следат промени во наставниот план, наставните програми (соодветен избор на наставни содржини) и зголемена изборност во делот на изборните предмети.
Извор: МКД.МК