Муареми: Висока перцепцијата за корупција оти случаите не се ставаат „под тепих“

Историски најлошото рангирање на Македонија според индексот на перцепција за корупција на „Транспаренси Интернешл“, се должи на тоа што истражните органи не ги ставаат „под тепих“ незаконитите активности. Ова е став на директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, кој во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека иако пандемијата ги подзабавила нивните активности, сепак се истражуваат незаконитости.
„Сите незаконски активности кои се случиле порано, сега ги кажуваме јавно, дека тоа и тоа се случило, дека тоа и тоа се случува моментално. И во тој дел мислам дека тие податоци се најверодостојни, кои ги имаат преземено, за да се каже дека сме имале навистина голема корупција во минатото, но и сега, бидејќи ние како институција сме гонеле и од сегашната власт функционери кои ги сомничиме за неправилности во довербата што им е дадена и од граѓаните и од Владата“, вели директорот Муареми.
Муареми, бара поддршка од Владата во пари и простории за исполнување на одредени безбедносни стандарди. Тој посочи дека и покрај ограничените капацитети, во моментов Управата работи на четири крупни случаи.
„-Дали се проверува работата и на некои други сегашни функционери?
Да.
-На колку?
Не можам да кажам“, вели Муареми.
Македонија го дели 111 – тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“, заедно со БиХ, Монголија и Панама. Ова е најлошо рангирање на земјава откако е ставена на ранг – листата. Извештајот на „Транспаренси“ предизвика бура реакции во јавноста. Опозицијата побара одговорност од целата Влада, а од Владата прво се одбранија дека се работи само за перцепција, а потоа соопштија дека заедно со „Транспаренси интернешнл“ ќе работат на подобрување на областите ранливи на корупцијата.
Алсат