Заев: Мнозинството во Парламентот може само да се зголемува, а не да се намалува

Премиерот Зоран Заев е убеден дека ќе го задржи мнозинството од 62 пратеника во Парламентот и оти поради, како што вели, исправните политики, тоа може да се зголемува, а не да се намалува. Тој денеска уште еднаш повтори дека предвремени парламентарни избори нема да има, дека е потребно земјата да има редовни избори, а времето дотогаш да се користи за работење за подобра иднина на граѓаните.
Во моментов, рече Заев, е посветен на реализација на владината програма, на реформите и на сите проекти кои се во интерес на граѓаните и, како што нагласи, не троши време на парламентарното мнозинство затоа што тоа се добива од исправни политики, а се губи од лоши.
-Тука немам никакви дилеми. Напротив, поради исправноста на политиките, европските политики, за искрените намери, заради транспарентноста на работата… очекувам мнозинството од 62 пратеника да порасне во иднина. И да испратам уште еднаш порака дека со пратеници со кои сме разговарале оти треба да продолжиме да градиме иднина заедно, и да застанеме зад ваквите проекти и подобрата иднина на целиот наш народ заедно. Значи очекувам да расте мнозинството, а немам никакви стравови дека ќе се изгуби тоа парламентарно мнозинство од 62 пратеника, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Како што дополни, и претходно Владата поминала мандат од две и пол или три години со мозинство од 62, 65 или 64 пратеници.
Во врска со барањата на опозицијата да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен, тој е дециден дека такво нешто нема да се случи.