
Граѓаните кои ќе сакаат да им биде отпишана каматата по основ на долг кон јавно претпријатие ќе мора да ги платат сите 12 рати од главнината. Доколку престанат да плаќаат по исплатени една или неколку рати, тогаш каматата им останува вели вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи. Тој додава дека оваа мерка е пред се да им се помогне на посиромашните граѓани во подмирувањето на режиските трошоци. Но, за несовесните граѓани,кој ќе се обидат да го изманипулираат законот, државата има механизам да се заштити, тврди Битиќи.
„Репрограмирањето мора да докаже дека почнува да го отплаќа. И секако механизмот ќе биде, дека сметководствено ќе му бидат отпишани каматите, но ако после првиот месец тој не продолжи, со исполнување на договорните обврски, ќе почнат затезните камати да течат како што си течеле претходно“, изјави Битиќи.
Властите уверуваат дека законското решение за ова мерка е во завршна фаза, и кога законот ќе биде готов ќе бидат објавени сите детали. Битиќи вели дека планот е целиот процес да се одвива во следните пет месеци. Граѓаните кои имаат долгови ќе бидат повикувани во јавните претпријатија и доколку се договорат за отплата на главниот долг на рати тогаш ќе добијат и бришење на каматата на долгот која се собирала низ годините.
Инаку, најстарата сметка која ќе важи за оваа мерка е ноември 2020 година. Ова не е прв пат државата да простува долгови и камати на граѓани кои должат и имаат неплатени сметки кон јавни комунални претпријатија.
Иле Петревски