Не може да има рационален дијалог со Бугарија сè додека со неа имаме ирационален проблем

Не може да има ниту решение, ниту рационален пристап кон ирационалниот проблем со Бугарија. Вака експерти ја коментираат најавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за нов, како што тој го нарече, рационален пристап кон дијалогот со источниот сосед. Никола Дујовски, експерт за меѓународни прашања, вели дека ситуацијата е крајно непогодна и нема да има брзо решение ниту со нов пристап, ниту со какви било други дипломатски тактики.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски оценува дека сè додека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, не може да се зборува без емоции.
Според Никовски, изјавата на Османи дека досегашниот пристап бил полн со емоции, несвесно, не само што ја загрозува, туку и ја поткопува и уништува преговарачката позиција на Скопје во однос на Софија.
Министерот Османи рече дека промената на пристапот значи ослободување од, како што рече, предизборните емоции и оние што ги предизвикуваат историските спорови. Наместо тоа, според Османи, земјите треба да се фокусираат на соработка во различни сектори за да се врати довербата меѓу нив што би довело до решавање на разликите. Инаку, се очекува министрите за надворешни работи на двете земји да го одредат датумот на билатералната меѓувладина конференција, на која ќе биде запечатен акцискиот план за спроведување на Договорот од 2017 година. Заедничката комисија за историја ќе се состане на 25 и 26 февруари за да разговара за учебниците за седмо одделение и за Гоце Делчев.
Анеса Салиху