МАКЕДОНИЈА
Левица: Заев е директно одговорен за бегството на неговиот побратим Мијалков

Повеќе од јасно е дека ова не е „пропуст“ на Министерството за внатрешни работи кое го води Спасовски. Очигледно е дека и во овој случај, како што беше случај и со претходните бегства на осудени криминалци, раководните структури на МВР се директни соучесници во исполнување на ветувањата, кои премиерот Заев ги даде на криминалците од претходниот режим, реагираат од политичката партија Левица.
Во партиското соопштение меѓу другото се вели:
Без криминалниот дел на ВМРО-ДПМНЕ не ќе беше реализирана и неуставната промена на името, за што Заев во изјава потврди дека Мијалков разговарал со осумте пратеници и ги охрабрувал да гласаат за Преспанскиот договор. Очигледно слободата за Сашо Мијалков е награда од Заевизмот за устоличувањето на Северна!
Од „живот за сите“ и „нема правда, нема мир“ – видовме само семејни тендери и партиски вработувања; тесна соработка со највисоките криминални структури; лично богатење на функционерите од власта и „бројчаникот“ кој Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата, го ветуваше на партиските митинзи како регистар на украдените народни пари, кои требаа да бидат вратени во буџетот на државата. Сега остана само истиот бројчаник да се надополни со украдените пари од времето на Заевизмот како надградба на Груевизмот!
За надминување на политичката криза во која се наоѓа државата, не е доволна само оставката на Владата, туку и кривична одговорност на функционерите од истата и формирање на преодна влада која ќе спроведе фер парламентарни избори!