„Диво Насеље“ – Осудениот Валдет Зекај доби екстра година поради напад врз чувар

Валдет Зекај, кој е осуден на доживотен затвор за тероризам во случајот „Диво Насеље“, денеска доби нова казна. Осуден е на една година затвор за напад на чувар во затворот Шутка. Според обвинението, настанот се случил на 30 – ти ноември 2018 – та година. Според обвинението, Валдет, заедно со уште неколку притвореници се враќале од прошетка во дворот. Затворскиот чувар го претресол и му дозволил да продолжи.
Но, Зекај застанал пред една од ќелиите каде бил притворен друг обвинет од „Диво Насеље“. Почнале да разговараат. Муабетот им го прекинал чуварот, затоа што според затворските правила, разговор не е дозволен. Тогаш Зекај го фатил чуварот за јакната, го турнал и му удрил шлаканица. Зекај денеска го призна делото, но наведе дека бил испровоциран од затворскиот чувар кој наводно му ја скинал библијата.
„Се каам и жалам за тоа што се случи“, рече Зекај.
Валдет Зекај заедно со уште шест други лица беа осудени на доживотен затвор за тероризам. Вкупно за „Диво Насеље“ казна добија 33 припадници на вооружената група и помагачи. Настаните во кумановската населба се случија на 9 – ти и 10 – ти мај 2015 – та година. Во престрелката загинаа осум полицајци и десет челнови на групата.
Бојан Стојановски