Коалицијата Алијанса – Алтернатива со над две илјади амандмани за Законот за прекршоци

Опозицијата од редовите на Албанците со реципроцитет одговори на постапките на парламентарните партии. За секој предлог закон ќе предложат илјадници амандмани се додека не се деблокира постапката за усвојување на Предлог законот за државјанство. Алијанса за Албанците и Алтернатива денес доставија над 2.000 амандмани на Предлог законот за прекршоци.
„Секој закон до кој имаме пристап, ние ќе блокираме сè додека не се постигне заеднички договор амандманите на Законот за државјанство да бидат повлечени и да седнеме и да разговараме за секој амандман одделно. Нема да се откажеме од овој реципроцитет, без оглед колку некој закон може да биде од посебен интерес, ние ќе продолжиме да го блокираме“, рече Скендер Реџепи, Aлијанса- Алтернатива.
Нивната стратегија ќе се однесува и на необезбедување кворум за работа и поддршка на законите кога ги нема пратениците од мнозинството.
„Сега нема да продолжиме така. Сè ќе биде поврзано со Законот за државјанство, да се расправа по амандманите, а потоа нашите активности ќе зависат од нашиот политички пат“, додава Реџепи.
Освен СДСМ, од каде неколку пати истакнаа дека се против Законот за државјанство, од ВМРО ДПМНЕ велат дека во принцип не се согласуваат со текстот на Законот, но дека се подготвени за преговори. Предлог законот за државјанство предложен од опозицијата од редовите на Албанците предвидува олеснување на постапките за стекнување државјанство на лицата без државјанство, односно да може да се добие со тројца сведоци.
Адриан Керими