
Платите за работниците за февруари и март, а кои ги субвенционира државата, остануваат во заложништво на инаетот на политичарите. По два дена молк од Собранието, денеска собранискиот спикер Талат Џафери за Алсат вели – предлог Законот за финансиска поддршка на компаниите за исплата на плати е закажан за 23 март поради неколку причини. И да сакал тој лично порано да ја закаже расправата за овој закон не можел, бидејќи како што вели предлог законот е доставен многу доцна во Собранието. Во прашање бил и Деловникот за работа кои има рокови за доставување на предлог-закони.
„Немаше услови на претходните седници да биде ставен овој предлог закон поради немање кворум за работа. Јас не работам по пораки и апели од некого, туку по процедури. Зошто порано не го подготвија и доставија законот во Влада, на пример во јануари?“, рече Џафери.
Но, пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива не планираат да ја одблокираат работата на Собранието сè додека парламентарното мнозинство не даде согласност за носење на нивниот-предлог Закон за државјанство. На новинарско прашање, дали сметаат дека не е фер кон граѓаните ваквиот однос со кој им се ускратува можноста за финансиска или здравствена помош од државата, пратеникот Скендер Реџепи ни одговори: Мора да се биде фер и кон граѓаните без државјанство.
„Дајте сите да се ангажираме заеднички да се изнајде такво решение, да се овозможи тие граѓани да имаат сите државјанство, нека си добијат државјанство. Нека си го живеат чесно тој останат дел од животот што им преостанува. А, потоа ќе има можност за здравствена и финансиска заштита“, изјави Скендер Реџепи, Коалиција Алијанса – Алтернатива.
Пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за Алсат веќе изјавија дека ќе сторат сè предлог-законот за плати да биде донесен во најбрз можен рок. Спикерот Џафери дополнително појасни дека доколку нема блокади од пратениците законот би можел да биде усвоен во Собранието истиот ден или евентуално следниот на 24 март. Што значи дека на бизнис секторот ќе му останат шест дена за аплициртање на минимална плата за вработените.
Иле Петревски