Трисетдневен притвор во затворот Шутка за бизнисменот Орце Камчев

Орце Камчев отиде во 30-дневен притвор во Шутка поради сомнеж за бегство. Според извори на Алсат, информацијата дека Камчев ќе бега ја доставила Агенцијата за национална безбедност, по што полицијата го привела Камчев утрово во 8 часот. Веднаш потоа, обвинителката Лиле Стефанова, од Обвинителството за организиран криминал и корупција, од судот побарала притвор. Адвокатот на Камчев тврди дека мерката е садистичка и оти во полициската станица на Камчев му било кажано дека е приведен за изборна измама, додека во судот му кажале дека е осомничен за бегство поради истраги за незаконско купување на парцели во Водно.
Денеска на Прочка на ваков ден, да се определи ваква мерка притвор без никаква основа, може да биде само израз на садизам од страна на институциите на системот. Сите мерки за овој предмет кој трае надвор од законскиот рок на истрага, 30 месеци не е подигнато обвинение, сите мерки се исполнети, даден е капитал како гаранција, дадени се пасошите и господинот Јордан Камчев воопшто и да сака не може да ја напушти Република Македонија. Не го бара никој за изборна измама, тука така нас нè информираа во полициска станица – изјави Тони Менковски, Адвокат на Камчев.
Засега ниту МВР, ниту Обвинителство не ги образложува наводите дали и зошто евентуално Камчев бил прво приведен, а потоа заврши во Шутка за две различни работи. Обвинителката Лиле Стефанова, со службено возило го напушти судот од гаража и ги избегна медиумите. Таа ја води истрагата за спорните парцели на Водно. Во истрагата за овој случај, освен Камчев, осомничени се и поранешниот премиер во бегство Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисменот Ненад Јосифовиќ, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и мајката на Камчев, Ратка.
Обвинителството се сомнева дека Груевски купил парцели на Водно со пари собрани како донации за ВМРО ДПМНЕ. Неговиот кум Новачевски ја покрил сопственоста на земјиштето. Инаку, се работи за 1,3 милиони евра, пари за купување на 11.000 квадрати.
Алсат