Градинка се дезинфицирала во присуство на децата, на некои им се воспалиле очињата!

Фотографија на која јасно се гледа, како дечиња непречено си играат, додека се врши дезинфекција во холот во објектот Росица, во детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид, се шири на социјалните мрежи и предизика лавина реакции и негодувања од страна на родители и граѓани. Мајка која го носи своето дете во оваа градинка, а која сакаше да остане анонимна, рече дека некој треба да сноси одговорност.
„Кога си го зедов детето од градинка детето имаше добиено воспаление на очињата, а потоа му се појави и стомачен вирус. Го однесов на матичен лекар. Тој ми напиша преставка која треба да ја однесам во архвата на градинката за да ги пријавам во санитарна инспекција. Крајно неодговорно и несовесно е ова. Во моментот кога почна да се прави дезинфекција, да ми се јавеа јас ке си го земев детето од градинка“, вели еден родител.
Директорката на градинката, вели дека станува збор за несреќна фотографија и оти децата биле на безбедно.
„Се добива впечаток кога ќе се види фотографијата, дека се прави дезинфекција, додека децата се присутни. Всушност се работеше за изнесување на децата од занималната во холот, за во тој момент да се изврши дезинфекција во занималните. Не е точно дека децата биле присутни. И во сите објекти децата не се присутни кога се врши дезинфекција, бидејќи тоа не е штетно“, вели Мери Рилкова-директор на детска градинка во Охрид.
Од ВМРО ДПМНЕ бараат реакција од градоначалник за како што велат скандалот кој се случил во детската градинка и најавија дека ќе поднесат пријава до санитарната инспекција. Од општина Охрид, ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека децата не биле во занималните и оти дезинфекцијата се вршела со средство Дезентал 0,2 %, кое не е штетно за човековата околина, здравјето и е целосно биолошки разградливо.
Од Општина Охрид, велат дека за конкретниот случај се произнел и Центарот за јавно здравје, од каде им било речено дека не бил направен пропуст во конкретната ситуација.
Мики Трајковски