Речиси 69.000 членови во недела ќе избираат претседател на СДСМ на првите директни, внатрепартиски избори

Првите директни, непосредни, внатрепартиски избори на кои сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе избираат Претседател се одржуваат во недела на 21 март, соопштија од партијата.
Во соопштението меѓудругото се додава:
Преземени се сите неопходни мерки за уредување на гласачките места согласно со препораките за здравствена заштита од КОВИД 19 а целиот изборен процес на денот на гласањето ќе се одвива по строго утврдени протоколи за заштита од коронавирусот.
Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.
Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на Претседател во својата општина на соодветно гласачко место.
Гласањето на болни и немоќни е овозможено, еден ден порано, односно во сабота на 20.03.2021 година.
Информација за текот на гласањето и резултатот ќе го соопштиме во недела по завршување на процесот на гласањето, наведуваат од партијата.