Привремен е запрен ископот на песок во Средно Коњари

Од денес исклучени се машините на компанијата „Еуропрогрес„, која има концесија за вадење песок во реката Пчиња во Средно Коњари. По неколкудневните протести на жителите од оваа област, Владата на последната седница ја одобри одлуката концесионерот да ја запре работата на терен, сè до објавувањето на конечниот извештај на Инспекторатот за животна средина.
„Потоа Владата повторно ќе разговара и ќе донесе друга одлука. Засега не можеме да кажеме колку ќе трае, бидејќи таму се прави потребна инспекција од соодветните институции“, изјави Мухамед Хоџа, портпарол на Владата.
Аријанит Џафери од „Еко герила“, вели дека сега кога се бара постојан прекин на работите, се прават десетици студии, но одлуката за доделување на концесијата е донесена многу полесно. Ова, според него, покажува дека приоритет за Владата е интересот на компаниите блиски до извршната власт, а не на граѓаните.
„Сега, она што треба да го осигураме е дека одлуката за запирање на работите ќе биде трајна. Односно, да се одземе концесијата на компанијата. Второ, мора да се осигураме дека компанијата ќе ги обештети жителите, на кои им предизвикувало штети долго време со своите постапки. Трето, да се осигураме дека отворените јами нема да се полнат со инертни отпадоци, да не се претвораат во депонии, како што се случи во селата Неготино и Желино. Четвртата точка е компанијата да го врати оштетеното земјиште во претходна состојба“, рече Аријанит Џафери, Еко Герила.
На 11 март, Инспекторатот за животна средина информираше дека завршиле последните теренски проверки, и дека извештајот што конечно ќе ги отстрани сомневањата дали имало или не неправилности треба да биде готов за две недели. Во меѓувреме, компанијата продолжи да копа, додека жителите веќе немаа трпение. Жителите протестираа со денови, блокирајќи го автопатот. Доколку последниот извештај докаже дека има неправилности, тогаш Министерството за економија треба да и предложи на Владата да донесе одлука за раскинување на концесијата.
Еви Шкопи