Просветниот инспекторат почна проверки за тврдењата за плагијати на Медицинскиот факултет на ДУТ

Просветниот инспекторат ја започна инспекцијата на Универзитетот во Тетово, по наводите на поранешниот декан на Медицинскиот факултет, Кастриот Хаџиреџа. Имено, тој изјави дека некои од професорите на оваа катедра имаат плагијат докторски трудови. Инспекцијата може да трае неколку денови поради обемот на научни трудови кои се пријавени како препишани.
„По приемот на претставката за одредени неправилности на Медицинскиот факултет на УТ, ние како Просветен инспекторат со закон сме обврзани да извршиме контрола за изнесените наводи. Инспекцијата почна. Не знаеме колку ќе трае, сè уште немаме реална слика за фактичката состојба таму.“
По завршувањето на оваа вонредна инспекција, Инспекторатот ќе излезе со извештај, односно заклучок со кој евентуално на министерката за образование Царовска ќе ѝ биде предложено да преземе соодветни мерки. Од Просветниот инспекторат за Алсат додаваат и дека од 2009 година наваму се прават чести инспекции во ДУТ и биле утврдени уште полоши ситуации од они кои се наведуваат во официјалната претставка на списанието „Веритас“.
„Јас јавно можам да кажам дека на овој универзитет му недостасува соодветен кадар како што бара законот и во текот на овие години го имавме тоа во предвид и фактот дека како нов универзитет, како и секој друг универзитет кога се основа, обично на почетокот имаат проблеми.“
Инаку, официјалната претставка беше доставена во Инспекторатот кога списанието „Веритас“ го објави скандалот за седумте професори на Медицинскиот факултет, чии научни трудови, како што беше наведено, биле плагијат. Наводно станува збор за професорите Неџбедин Беадини, Шеќибе Беадини, Албулена Беадини, Емира Беџети, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди и Екрем Исмани, кои исто така се и во роднински врски.
Anesa Salihu