Сопственикот на „Дурмо Турс“ не чувствува вина за несреќата во која загинаа 16 патници

Сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бељули не чувствува вина за кобната несреќа кај селото Ласкарци во која загинаа 16 патници. Денеска во судница рече дека иако е газда на гостиварската фирма, не можел да знаел дали некој автобус е исправен или не, ако за тоа не го известат возачите кои требало да ги провеарт возилата пред да тргнат на пат.
„Жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам возачот Маноил Трифуновски да каже што се случило. Само тој ја знае вистината. Другото се претпоставки“, рече Дурмиш Бељули, Сопственик на „Дурмо Турс“.
Освен превозна фирма, Бељули во рамки на бизнисот имаше и станица за технички преглед, каде се проверуваа автобусите од Дурмо Турс. Тврдеше пред судиите дека никогаш не вршел притисок врз вработените во станицата за неисправни возила да го поминат тестот за исправност. Дополнително судот го убедуваше дека не штедел на резервни делови и на редовно одржување на автобусите. Обвинителството откри дека во автобусот со кој настана несреќата имало манипулатор на брзината односно доколку автобусот вози побрзо од дозволеното, тоа да не се регистрира. И за ова Бељули не знаел.
„Дурмо Турс од манипулаторот за брзина има само штета, а корист возачот. Откако дознав за ова сфатив дека од тоа има само штета – абење на гумите и трошење гориво“, додава Бељули.
Од несреќата кај Ласкарци поминаа две години. Обвинети се сопственикот на Дурмо Турс, одговорното лице за транспорт Рамзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед.
Бојан Стојановски