За одблокирање на Собранието Заев на средба со Талат Џафери, ако нема решение, тогаш лидерска

Од утре премиерот Зоран Заев најави дека ќе се бара чаре за да се најде решение за Законот за државјанство што го предложи албанската опозиција и да се стави крај на блокадата на Собранието. Заев, кој пред извесно време беше ироничен со предлогот на Алијанса за Албанците и Алтернатива велејќи дека со сведоци може само да се прави само свадба, сега бара да најде решение со нив во согласност со европските стандарди. Ќе се состане со претседателот на Собранието пред седницата за пратенички прашања за да разговара за најновите случувања.
Според Заев, прашањето треба да се реши во Собранието. Доколку на тој начин не се најде излез од блокадата, ќе биде свикана лидерска средба.
Изјавата на премиерот доаѓа еден ден по понудата на албанската опозиција која понуди излезни решенија. Алијанса и Алтернатива бараат Владата да го предложи нејзиниот закон за државјанство за кој тврди дека е подготвен, да го усогласи со нивниот предлог и да донесе заеднички. Дури потоа коалицијата ќе ги повлече сите 30 илјади амандмани кои ја запираат работата на Парламентот.
Адриан Керими