ДУИ не се чувствува запоставена по најавата за средба помеѓу Мицкоски и Заев

Премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски се состануваат во понеделник за да најдат решение за деблокирање на Собранието и затворање на поглавјето за Изборниот законик. Мотивот за средбата за отворените прашања власт-опозиција дојде по консензусот на пратениците за економскиот пакет мерки. Најавата за оваа средба доаѓа два дена откако Заев изјави дека деблокирањето на Собранието им е доверено на координаторите на пратеничките групи.
ДУИ не се чувствува исклучена од процесот. Според портпаролот Бујар Османи, Заев ќе се состане и со албанските лидери во наредните денови.
„Сметам дека ваквите средби се неопходни во контекст на блокирањето на институциите што ги прави опозицијата во најтешките моменти за земјата. Невидено е во услови на активна пандемија каде бројот на заразени и на жртви се зголемува, главната институција која води политики за ублажување на здравствените последици, социо-економските последици, тоа е неприфатливо“, рече Османи.
Албанската опозиција се сомнева дека зад понеделничката средба се крие стравот на македонските партии од масовната регистрација на дијаспората и дека резултат од средбата ќе биде одложување на пописот за неколку месеци.
„На прв поглед се гледа како моно-етничка средба кој не ја одразува политичката реалност, особено кога средбата се одржува во време кога се дискутира за државјанството, пописот и пандемијата. Можеби двајцата се плашат и тоа ги принудува да се зближат поради пописот и државјанството“, рече Флакрон Беџети, Портпарол на Алијанса за Албанците.
Од македонската опозиција велат дека на средбата ќе се разговара и за здравствената криза.
Средбите на премиерот доаѓаат неколку недели по најавите за деблокирање на Собранието по договорот на ниво на лидери. Инаку СДСМ до пред извесно време беше против лидерски средби со образложение дека разликите за Собранието треба да се надминат таму.
Адриан Керими