Денеска прва годишнина од членството во НАТО

Прелетот на трите авиони на НАТО од грчкото воздухопловство како дел од мисијата за воздухопловно патролирање го означија почетокот на свеченоста по повод една година од членството во НАТО. Во присуство на странски гости со високи воени чинови во касарната „Илинден“, највисокиот државен врв говореше за придобивките од членството во Алијансата, оценувајќи го како најголеми успех од осамостојувањето на државата.
„Иако оваа годишнина ја одбележуваме во вонредни услови со колективни штети и многу лични трагедии, не смееме да го изгубиме од предвид вистинското значење на овој ден. Нашата прва година од членството, во исто време беше и една од нашите најтешки години. Но, на предизвиците сега не им гледаме во очи сами. Со нас се 29 држави, 29 демократии, 29 наши пријатели и во добри и во лоши времиња“, изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: успеавме! Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност…“, рече премиерот Заев.
Адмиралот Роберт Бурк ја поздрави посветеноста на државава за одржување на слободата, демократијата, мирот и стабилноста во регионот, но и преку учеството во меѓународните воени мисии.
„Северна Македонија агресивно бара начини да придонесе за стабилноста во регионот и пошироко. На многубројни начини како што е распоредувањето ваши трупи во КФОР на Косово и мисијата на НАТО. Одлучна поддршка во Авганистан и Ирак. Алијансата е посилна поради вашите заеднички принципи и вредности“, рече Адмиралот Бурк.
Македонија стана 30-тата членка на Алијансата на 27 март лани, а три дена подоцна следуваше и церемонијалното кревање на нашето државно знаме пред седиштето на НАТО во Брисел.
Алсат