ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Група граѓани без државјанство се собраа пред Собранието да си ги кажат маките

Лица без државјанство се собраа пред Собранието за да ги кажат своите перипетии кои траат долги години затоа што немаат статус на државјани, а живеат тука. Но, не им беше дозволен влез во Собранието за да се состанат со пратениците од опозицијата бидејќи немаа документи за идентификација. Афет Калоши, роден и живее во Скопје, вели дека во неговите документи за родно место му пишува – Србија и Црна Гора.

Advertisements

„Роден сум тука, а кога ќе ми дадат извод, пишува Србија и Црна Гора. Роден сум во Скопје, општина Чаир. Ние сме шест деца, постариот брат има државјанство, сестрите имаат, мајка ми е од Нови Пазар – има државјанство, јас сум роден тука, а немам државјанство“, вели Афет Калоши.

Хабибе Фазлиу е од Косово. Таа е во брак 30 години во Скопје, но нема ниту еден документ од С. Македонија.

„Четири пати ме одбија поради јазикот. Лекарските прегледи ме чинат 1.000-2.000 денари. Сега патувам со косовска лична карта, затоа што тука немам документи“, рече Хабибе.

Таква е судбината и на Рамазан Азизи од Куманово. Целото негово семејство има државјанство, освен тој.

„Добиваме сè, документи, извод од матична книга на родените, потврди за образование, потврда дека не сме осудени или под истрага, никогаш не сме имале проблем со државата, плаќаме даноци, живееме во нашите домови, но денеска немаме ниедно право. Ниту лична карта, ниту пасош“, вели тој.

Шабан Лимани неправедно осуден во случајот „Сопот“, ослободен како невин, обештетен за страдањата во затвор, сè уште се води како опасен за државата.

„Сè уште сум опасен за државата. Државјанството е одбиено и за мајката и за сопругата. Причините се познати, јас сум опасен за државата. Имам проблеми дури и на граници, јас сум на црната листа, иако ги завршив сите правни процедури“, вели Лимани.

Но, како ќе дејствува понатаму опозицијата сè додека не се најде решение за овие граѓани?

„Ќе најдеме, ќе најдеме решение. Ние не се предаваме. Да се најде заеднички јазик е нашиот услов и не се откажуваме бидејќи ја презедовме оваа обврска и свесни сме дека ние како коалиција ќе платиме политичка цена, но тоа ќе ја зголеми нашата човечност. Затоа ќе се најде заеднички јазик. Повеќе не смееме да имаме граѓани без државјанство или граѓани со кои се постапува нечовечки“, изјави Скендер Реџепи, координатор на АА-AAA.

Следната недела лидерите на албанската опозиција Зиадин Села и Африм Гаши, заедно со координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи, ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и координаторот Јован Митревски, за да најдат заеднички јазик за предлог-законот за државјанство. Поради неприфаќањето на овој закон, албанската опозиција блокираше десетици закони со илјадници амандмани во Собранието.
Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button