Лидерите на опозицијата од редовите на Албанците, Села и Гаши чекаат покана од Заев да дискутираат за Законот за државјанство

Лидерите на опозицијата од редовите на Албанците Зијадин Села и Африм Гаши велат дека тие не биле поканети од премиерот Зоран Заев да разговараат за предлог- законот за државјанство. Претседателот на Алтернатива, Гаши рече дека премиерот Зоран Заев најавил средби со координаторите на пратеничките групи за изнаоѓање решение, додека ваквиот пристап го сметал за навреда за албанската опозиција, но и за претседателот на Собранието.
„Ако господинот Заев сака да разговара за политичката содржина на Законот, треба да се сретне со нас, ние сме подготвени за соработка и ја баравме оваа средба подолго време, за овој Закон да се затвори што е можно поскоро, да се гласа во парламент и парламентот да се деблокира. Доколку се сретне со координаторите на пратеничките групи, станува збор за начин на функционирање или за институционални процедурални лавиринти во Собранието. Во јавноста видовме дека само една или две точки се дискутабилни. Барањето за тројца сведоци или нешто друго. Подготвени сме на компромис, подготвени сме да го најдеме најдоброто решение. Кога тој сака, во 12 навечер, кога сака, ние сме подготвени да седнеме и да најдеме решенија“.
Премиерот Заев вчера најави дека ќе има состанок за ова прашање, но дека ќе присуствуваат претставници на сите парламентарни политички партии, како и министрите за правда и за внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски. Но, координаторот на парламентарната група на Алијанса – Алтернатива, Скендер Реџепи, во објаснување за Алсат, изјави дека заедно со координаторот на СДСМ, Јован Митревски се договориле да се одржи средба во среда меѓу премиерот Зоран Заев и претседателите Зијадин Села и Африм Гаши. Сепак, откако Заев ја најави средба во поголем формат, Реџепи го доведе во прашање нивното учеството на оваа средба. Министерот Спасовски пак го најави одржувањето на состанокот.
Спасовски рече дека не може да даде повеќе детали, бидејќи тоа нема да биде одговорно од негова страна, но додаде дека од состанокот најавен за утре, очекува да се излезе со предлог за решавање на прашањето за државјанство. ВМРО ДПМНЕ соопшти дека по утрешниот состанок ќе одлучат дали ќе се откажат или не од амандманите против Законот за државјанство.
Mefail Ismaili