Во Бугарија се одржуваат парламентарни избори

Во амбасадата на Република Бугарија во Скопје редица граѓани го остваруваа правото на глас на денешните парламентарни избори во Бугарија. За да го направат тоа пред избирачкиот одбор мораше да покажат валиден личен документ што им го издала Бугарија. Членовите на одборот дозволуваа да се снима текот на гласањето, но не даваа ниту изјави, ниту дополнителни информации. И гласачите беа прилично затворени. Неколкумината со кои успеавме да поразговараме ги кажаа своите очекувања.
„Односите меѓу двете земји мора да се подобрат и треба да се подобрат и сите држави со соседите треба да функционираат како што треба и сметам дека сè ќе биде во најдобар ред и ќе оди во позитивна насока.“
„Прво, Македонија да признае дека има бугарско малцинство. Тоа.
– Дали очекувате односите меѓу двете земји да се подобрат?
„Да, треба да се подобрат.“
„Да биде подобро во Бугарија.“
Парламентарните избори во Бугарија се први од започнувањето на ковид – пандемијата. При гласањето на премиерот Бојко Борисов за првпат немаше медиуми. Тие не беа информирани кога тој ќе гласа. Борисов изјави дека е важно Бугарија да продолжи да се управува на европски и стабилен начин. Го критикуваше претседателот Румен Радев дека изборите можело да се закажат една недела подоцна поради третиот бран на ковид-пандемијата.
„Ги гледате податоците деновиве – 25, 22, 21, 18 отсто, ние веќе излегуваме од третиот бран. Надминавме половина милион вакцинирани. За една недела би биле во подобра кондиција“, изјави Бојко Борисов – премиер на Бугарија.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, изјави дека гласал против распадот на државата, беззаконието и корупцијата и повика масовно да се гласа. Му одговори на Борисов дека изборите требало да се закажат многу порано.
„Изборите, се разбира, требаше да се одржат многу порано, уште минатата година. Хаосот ќе се избегнеше, а животот на многу Бугари ќе беше заштитен. Илјадници бугарски семејства и фирми ќе беа спасени од банкрот“, рече Румен Радев – претседател на Бугарија.
Според последните испитувања на јавното мнение, ГЕРБ има солидна предност пред опозициската БСП на Корнелија Нинова. Рејтингот на ГЕРБ е околу 27 проценти, а на БСП околу 19 проценти. Се смета дека стравот од пренесување на коронавирусот може да ги одврати дел од гласачите. Некои аналитичари предвидуваат дека ако излезат околу 45 проценти тоа им оди во прилог на ГЕРБ и така е можно да останат на власт, но ако излезат над 51 насто можно е опозицијата да се обиде да формира нова влада. Предвидувањата за партијата ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, се различни – од оние дека нема да успее да влезе во парламентот до такви дека ќе освои околу 4 проценти од гласовите. За владата во Македонија овие избори се важни оти очекуваат да се намали негативната реториката што беше присутна изминатиов период од страна на бугарските министри. Од Скопје очекуваат дека од утре ќе има порационален пристап во разговорите и дека ќе се најде решение на проблемите што ги отвори Софија околу македонскиот јазик, идентитет и историја, а од чија разрешница зависи дозволата за меѓувладина седница на Македонија и Европската Унија.
Алсат