Следнава недела судење за дивата депонија во Струга

Струшката дива депонија влегува во судница. Граѓанските активисти ќе се обидат по судски пат да докажат дека депонијата со години ги труе стружани, градот и неговата околина. Во исто време, според поднесената тужба, за Министерството за животна средина, општината и Јавното комунално претпријатие, се тврди дека не презеле мерки за справување со проблемот. Претстојнава недела почнува судскиот процес.
Сметам дека со оваа тужба се прави еден прв исчекор и притисок врз државните власти, конечно да преземат мерки и во делот на изградба на регионална депонија, како дел од решението со управување со отпадот во државата – изјави Глигорие Ќатоски-Доста e.
Во меѓувреме на оваа депонија секојдневно и понатаму се трупаат големи количини на смет, според податоците на невладиниот сектор, околу 40 илјади тони годишно. Од опозицијата во локалниот општински совет тврдат дека за три години од 2018 до 2020 година, општината за т.н. капитални расходи и реконструкција на депонии за отпад, потрошила над 650 илјади евра.
Што е огромна бројка, а ние не гледаме ништо дека е променето во однос на депонијата. Станува збор за потрошени пари… Станува збор за недомаќинско работење на градоначалникот и локалната власт – рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ Струга.
Неодамна од Алијанса на Албанците го обвинија градоначалникот Мерко дека и покрај многуте ветувања и како пратеник и како министер и како градоначалник во три мандати не направил ништо за дислокација на оваа депонија. Но, од општината негираат дека има било какво недомаќинско работење од нивна страна.
И за двете години 2019/2020 вкупната вредност за одржување на депонијата достигнува износ од 10 милиони денари што е помалку од половина од трошоците направени додека на власт беше Алијанса за Албанците – велат од Општина Струга.
Се чини дека за струшката депонија и понатаму ќе нема решение затоа што сè уште нема ништо од најавите за изградба на регионална депонија. Таа, според првичните најави, треба да се изгради во битолскиот регион и во неа да се складира отпадот, не само од југозападниот дел на државата, туку и од Пелагонија.
Мики Трајковски