Последната помпезна кампања за уривање на дивоградбите заврши таму каде што почна – пред „Мавровка“

По уривањето на дивоградбата кај ТЦ Мавровка, со голема помпезност и медиумска врева, „борбата“ против дивоградбите издиша. И покрај пријавите и барањето на сопствениците во Трговскиот центар „Бисер“, во општина Аеродром, за уривање на деловен објект, кој според нив е дивоградба, не е преземен ниту еден конкретен чекор ниту од локалната, ниту од централната власт. Од општина Аеродром велат дека сопственикот на објектот поднел барање за легализација. Но, сè уште не е решено дали ќе биде урнат или легализиран. Градоначалникот Златко Марин вели дека во општината има повеќе случаи за кои се очекува да се донесе одлука.
Од друга страна, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека борбата против дивоградбите во главниот град може да биде поефикасна откако Скопје би добило поголеми надлежности кај градежниот инспекторат.
Според Државниот завод за статистика, само минатата година во нашата земја биле изградени 866 дивоградби. Најголем број од нив се во Скопје – 153, потоа во Кавадарци 85, во Струмица 73 и во Штип 64.
Мефаил Исмаили