На инфективните оддели има 1699 пациенти со Ковид-19, во Скопје за 24 часа 67 хоспитализирани

На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1699 пациенти со Ковид-19. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 67 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 686 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 1013 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Во последното деноноќие, во Скопје на Интерните и хируршки клиники имало 39 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало осум примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени четири пациенти, а двајца биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина биле примени двајца пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 44 оздравени пациенти.