Организирана криминална група од шест лица, стои зад пратката од околу 200 килограми марихуана која полицијата ја пресретна на патниот правец Прилеп-Росоман

Организирана криминална група од шест лица, стои зад пратката од околу 200 килограми марихуана која полицијата ја пресретна на патниот правец Прилеп-Росоман. Полицијата и Обвинителството засебно соопштија дека акцијата е резултат на повеќемесечна истрага, а криминалната група на почетокот на месецов подготвила план. Првоосомничениот кој бил организатор на групата е струмичанецот Д.Ј. кој нашол купци за марихуаната, од Грција. Тој се договорил со второосомничениот кој бил од Скопје и ја чувал дрогата на непозната локација. Останатите четворица биле логистика за пратката која вчера требало да се транзиитира до Грција. 200-те килограми марихуана биле спакувани во 40 картонски кутии. Најпрво биле спакувани во комбе со македонски регистерски таблички, а кај местото Радобил се префрлиле во комбе со грчки регистерски таблички. На ова место групата се разделила. Комбето со марихуана придружувано со три автомобила, тргнало на магистралниот пат Прилеп-Градско,каде го фатила полицијата. Возачот со испразнетото комбе е фатен во Прилеп, а „мозокот“ на операцијата е уапсен на бензиска пумпа во Гевгелија. Се вршеле и претреси во домовите на шестмината осомничени. Полицијата пронашла пари, луксузни часовници и уметнички слики, документација за фабрики за производство на марихуана за медицински цели. Шестмината добиле кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, соопшти Обвинителството. Од МВР не одржаа прес конференција, туку до јавноста испратија снимена изјава.
„По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал А.У.“
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговори од полицијата и од премиерот Зоран Заев дали пратката и комбето со кое се превезувала дрогата е во сопственост на фирма за одлегување на марихуана на Заеви, и дали меѓу уапсените се блиски луѓе на Заеви.
„Се уште нема одговор од страна ниту од МВР, ниту на власта, а тоа е дрогата е запленета во комбе со грчки таблици, за кое што се сомнева дека е во посед на фирма која е во сопственички удел во Медикал 420, фирма која што има добиено лиценца за одгледување на марихуана, конкретно во Битола. И тоа има добиено лиценца за одгледување на марихуана од власта на СДСМ и Зоран Заев некаде кон крајот на 2017-тата година. Што е тука симптоматично? Повторно прашуваме дали возилото со кое што се пренесувала дрогата е во сопственост на фирма на Трајче и Бобан Заеви?“
Американската амбасада во Скопје за порталот „Сакам да кажам“ потврди дека дале техничка поддршка за вчерашната акција. Ова е втора акција во која е вклучена и американската агенција за борба против наркотици (ДЕА), откако претходно тие соработуваа со МВР и за акцијата „Двојник“, за фалсификувањето на 215 пасоши во земјава.