Фалц-пасошите за нарко-босовите, ставени надвор од употреба

Дали со 215 – те македонски лажни пасоши кои им беа издавани најчесто на криминалци од регионот, може и понатаму да се патува? МВР уверува дека оние кои добиле фалсификувана патна исправа од земјава, не може да ја користат за да патуваат слободно низ светот. Нашата полиција преку Интерпол ги известила сите полиции дека овие пасоши се лажни и оти со нив не може да се поминат границите.
„Формалното поништување на пасошите во МВР е во тек“, велат од МВР.
Но, очекувано, ниеден од оние кои за пари добиле фалсификуван пасош, нема да дојде да му биде поништен од пасошките служби кај нас кои му го издале. И додека МВР е во постапка на поништување на овие пасоши кои дел од службите ги издвале со години, вчера петмина обвинети за оваа афера, признаа вина. Судот пресуди четири ефективни затворски казни и една условна.
На две години и три месеци беше осуден и посредникот Раиф Мифтари кој бил спрегата со службениците во МВР за да се дојде до лажен пасош. Освен овие петмина, дека ќе признае вина, најави уште една обвинета која вчера не дојде на судење поради болест. Па, од 11 обвинети дека биле дел од организираната шема, останаа пет лица да ја докажат војата невиност за случајот. Судењето за нив е закажано за утре.
Бојан Стојановски