Владата бара и Струга да урива дивоградби

И додека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко упорно тврди дека во Струга нема диво градби во заштитениот појас на Охридското езеро, од Владата бараат од Струга да се фати за работа и да почне да урива.
„Владата има донесено неколку заклучоци со кои им укажува на општините да постапат по наодите на УНЕСКО и согласно Законот да пристапат кон отстранување на бесправно изградените објекти. Општина Охрид го започна процесот. Во наскоро време очекуваме тоа да го стори и Општина Струга“, велат од Владата.
Алсат праша во општина Струга како планираат да постапат со дивоградбите, но и со плажите на струшкото крајбрежје, ако се знае дека на сите досегашни концесионери со години им се истечени договорите? Одговор не ни беше испратен. Градоначалникот на Охрид пак, вели дека расчистувањето на охридското крајбрежје ќе заврши до крајот на јуни. Ќе се расчистат плажите кои имаат истечени договори за концесија.
„Сите плажи или објекти на плажи кои порано биле издавани со концесиски договори, сите тие се со решенија за отстранување и никој од нив не смее да обавува дејност ова лето…“, рече Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.
Неделава на помош на општината ќе пристигне и механизација на ЈП Македонија пат, по што акцијата ќе се интензивира, а потоа ќе се работи на уредување на плажите кои треба да бидат ослободени од лежалки, шанкови и друга опрема.
Мики Трајковски