Се отвора дебата за законот за дивоградби за сите прашања на кои посочи јавноста

Владата отвора дебата за Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби, што е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот.
Како што соопшти владината прес-служба, ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, уставната можност што ја искористи претседателот да не го потпише законот за легализација на дивоградби е уште една шанса заедно да се дискутира со јавноста, пратениците, експертите,.. да се најде решение со цел да им се помогне на граѓаните.