Партиите се согласија да ги интензивираат преговорите за можни измени на Изборниот законик следната недела

Продолжија преговорите за можни измени на Изборниот законик, кои беа блокирани подолго време. На последната средба иницирана од министерот за правда Бојан Маричиќ и во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, состанок што не беше јавен, сите парламентарни политички партии ги соопштија своите позиции. СДСМ е подготвена да ги продолжи преговорите во кои велат дека побарале имплементација на моделот со една изборна единица. Покрај тоа, меѓу опциите што се дискутираат се отворени листи со кандидати за општински советници, еден изборен круг за избор на градоначалници и измени на одредбите за гласање во дијаспора.
ВМРО-ДПМНЕ не одговори за тоа со какви впечатоци излезе од првата ваква средба. Од таму велат дека сериозно ја разгледувале можноста за една изборна единица, но според опозициската партија, СДСМ не опстанала на своето ветување.
И од ДУИ одбија да зборуваат. Нивната позиција е дека не е време за една изборна единица. Другите можни измени во Изборниот законик не ги коментираат.
Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека треба да се забрзаат измените на Изборниот законик, бидејќи локалните избори се приближуваат.
„Се надеваме дека и ова прашање ќе биде решено итно затоа што се ближат локалните избори и ние мора да го забрзаме процесот за да бидеме во чекор со локалните избори. Ние како политички субјект ќе ги дадеме нашите предлози. Она што сега го зборуваме е дека сме посветени на моделот со отворени листи што треба да започне на локалните избори и секако со овој договор ќе инсистираме тоа да биде и за следните парламентарни избори “
Владата, во негативно мислење испратено до Собранието за предлогот на некои пратеници за една изборна единица, се согласува дека на земјата и треба целосно нов изборен законик, бидејќи досегашниот е изменет и дополнет повеќе од 30 пати досега. Изборниот законик, велат од Владата, е оптоварен и отежнат за спроведување.
Институциите и партиите немаат многу време да најдат заеднички јазик за сите или за некои од овие прашања, бидејќи остануваат уште 5 месеци до локалните избори.
Fatlume Dervishi