Ниту владата, ниту опозицијата не откриваат дали се близу до договор за измени на Изборниот законик

Политичките партии продолжуваат да не даваат детали за измените на Изборниот законик, по состанокот што минатата недела го одржаа претставниците на парламентарните партии. Од СДСМ велат дека се надеваат дека ќе има договор за Изборниот законик на состанокот што ќе се одржи неделава и дека промените ќе бидат направени со консензус.
Молчат и во ВМРО ДПМНЕ. Велат дека разговорите се во тек, но не ги коментираат предлозите за измени и дополнувања на Изборниот законик. Додаваат дека ќе дадат детали кога ќе има конкретен договор.
ДУИ не ги коментира можните измени. Но, додаваат дека остануваат на ставот дека не е време земјата да излезе на избори со една изборна единица. Опозицијата од редовите на Албанците од друга страна вели дека политичките партии треба да најдат решенија за промените во Изборниот законик што е можно побрзо поради приближување на локалните избори. Но, подвлекуваат дека се посветени за изборниот модел со отворени листи, кој треба да започне со локалните избори и да се применува на следните парламентарни избори. На последниот состанок, претставниците на сите парламентарни партии се согласија да ги интензивираат преговорите за можни измени на Изборниот законик.
Владата оценува дека има потреба од целосно нов Изборен законик, а дел од дискусиите е моделот со една изборна единица и отворени листи. Но, и покрај тоа што пет месеци не делат од локалните избори, партиите не се на ист став за скоро ниту една од опциите за кои се разговара.
Мефаил Исмаили