Мицкоски обвинува: Вице Заев вмешан во криминал во РЕК Битола, братот на премиерот негира

ВМРО-ДПМНЕ денеска објави информација за нова афера во која велат дека е вмешан братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев. Според информациите од опозициската партија обелоденета пред новинари на неформален состанок од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, во 2018 година, РЕК Битола отворил постапка за јавна набавка за ископувања. Тендерот го добила компанијата Рубитон, чиј сопственик подоцна пријавил во Секторот за спречување на организирана корупција во МВР. Според неговото тврдење, велат од ВМРО, тогашниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, побарал од победничката компанија да се откаже од тендерот и да ѝ го даде на компанијата „СВ Инвест“.
„Откако директорот на компанијата го одбил, велејќи дека тоа е незаконско, тој бил контактиран од Вице Заев кој побарал Рубитон да ја заврши работата, а 250 илјади евра во кеш да земе Вице Заев. По некое време компанијата ја изгубила работата и претрпела загуба од 30 милиони денари.“
Кога оштетените го пријавиле случајот во Министерството за внатрешни работи, според ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот началник Лазе Велковски го испратил извештајот во обвинителството. ВМРО-ДПМНЕ пред новинарите покажа два официјални слични документи на извештајот потпишан и доставен до обвинителството, во едниот недостасува делот каде што се споменува Вице Заев. Нивните сомневања се дека документот бил фалсификуван откако бил архивиран. Од опозицијата велат дека обвинителството на Вилма Русковска го ставила случајот во фиока и веќе една година нема никаква завршница.
Вице Заев за некои медиуми изјави дека Мицкоски е опседнат со него и оти нема ништо реално во неговите тврдења.
Обвинувањата на Мицкоски ги демантираа и од РЕК Битола. Оттаму искоментираа дека станува збор за клевети затоа што, како што тврдат од фирмата, сопственикот на Рубитон имал блиски семејни односи со поранешниот директор на РЕК Битола од времето на ВМРО-ДПМНЕ.
РЕК Битола
„Како што објавивме во неколку наврати во врска со овие неосновани и пристрасни напади врз комбинатот и компанијата, договорот со компанијата „Рубитон “ која вршела ископ во рудникот „Суводол“ беше раскинат од РЕК Битола на 7 ноември 2018 година поради фактот што „Рубитон“ не го извршил ископувањето со динамика и количина предвидени во договорот, за што има и записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола.“
СДСМ
„Не е прв пат опседнатиот Мицкоски да кажува лаги, невистини, измислици за семејството на премиерот Заев. Но, ова зборува за состојбата во која се наоѓа Мицкоски. Тој може да се обиде 100 пати да измисли афера за неговите дела и постапките на Груевски да ги доведе во некаква врска со сегашната влада, но неговата лага не поминува.“
Но и двете страни признаваат дека за раскинатиот договорот помеѓу РЕК Битола и компанијата Рубитон има судска постапка.
Fatlume Dervishi