Институциите потфрлија во случајот со Тони Сали, вели неговата адвокатка

Релевантните државни институции потфрлија во случајот со Тони Сали, смета неговата адвокатка Тамара Славеска Апостоловски. Во нејзиното вечерашно гостување во емисијата „200“ на Алсат, таа изнесе дел од правните лавиринти коишто ги минувала обидувајќи се да обезбеди матичен број за матурантот, Тони Сали, кој неодамна почина.
„Од Управата за водење на матични книги добив известување за негативно решение. Со Тони поднесовме жалба чиј рок тече за 60 дена, но не откако јас ќе го доставам, туку откако Управата ќе го достави до Второстепена комисија. Наидов на проблем, прво пандемија е, па не работат, па само вторник и четврток примаат странки, па не можеш телефонски да ги добиеш…Соња ургираше, со врски, да се информираме за предметот и дозна дека предметот бил пратен на 4 март, а јас жалбата ја пуштив на 8 јануари. Што правел предметот два месеца. Управата и Државната комисија се на 50 метри растојание“, вели адвокатката Славеска Апостоловски.