Салиу: Тони Сали жртва на лошата државна администрација

Заменичката на народниот правобранител, Сузана Салиу, во емисијата „200“ на Алсат, говореше за случајот со Тони Сали, матурантот кој почина без да успее да добие матичен број. Салиу рече дека Тони Сали бил жртва на лошата државна администрација.
„Малку е незавидно да се зборува во вакви отежнувачки околности, постмртно да се зборува за остварување на правата на млад граѓанин кој за жал е жртва, можеме да кажеме дека е жртва на лошата администрација на Република Северна Македонија. Народниот правобранител, прифаќајќи ја жалбата на Тони, веднаш ги презеде сите механизми за расветлување на овој случај и решавање на случајот … Случајот е целосно во надлежност на Управата за матични книги, бидејќи тие се надлежни за решавање на случаите, за чување и евиденција на матичното книговодство. Книгите на родените, книгите на венчани и книгите на умрени се во рацете на оваа институција. А, судбината на граѓанинот е поврзана со овој вид административно работење од раѓање до смрт“, рече Салиу.