ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За пет години ќе се знае дали РЕК Битола ќе се затвори

Заштитата на животната средина ќе ја зголеми цената на електричната енергија на долг рок, особено за домаќинствата. Според експертите, нема да има драстично зголемување во следните пет години. Александар Дединец од МАНУ вели дека во овој период ќе мора да се реши судбината на РЕК Битола, што секако ќе влијае на поголема цена на струјата. Ако се задржи досегашниот начин на добивање на електричната енергија со јаглен во овој најголем производител на струја, Европската енергетска заедница ќе ни воведе данок на ЦО2. Ова значи повисока цена. Втора опција е термоцентралата да се приклучи на гасоводна мрежа.

Advertisements

„Дополнителен гасовод за државата ќе значи дополнителни примања. Гасоводот што се планира да се поврземе со Грција, одреден дел од него се планира да го користат во Косово, но да продолжи нагоре во Србија. Од самиот транзит на гасоводот ние како држава ќе добиваме средства“, изјави Александар Дединец, МАНУ.

Која ќе биде судбината на РЕК Битола ќе зависи од Владата. Таа ќе треба да реши дали ќе се отвораат нови рудници за јаглен, дa се продолжи со постоечките од каде се вади јагленот, да се менува енергенсот за работа или комплетно да се затвори електраната. Засега нема најави која опција е во игра. Сите три опции се скапи и ќе значат поскапување на цената на струјата. Но, експертите посочуваат дека тоа не треба да не загрижува доколку имаме енергетски ефикасни домови и на тој начин граѓаните ќе имаат намалена потрошувачката на струја. Проценките се дека до 2040 цената на струјата ќе порасне за 80 отсто, но во исто време се очекува и пораст на стандардот на граѓаните за повеќе од три пати во однос на тоа што го имаат денес. Препораката од МАНУ е властите да работат на зголемувањето на приходите на народот и имплементација на проекти од енергетска ефикасност.

„Не е важно која е цената на електричната енергија, важно е колку трошиме ние енергија. Ако имплементираме мерки за енергетска ефикасност, и ако сме трошеле на пример 100 киловат часа и сме плаќале цена од пет денари по киловат час, а ја намалиме потрошувачката на 50 киловат часа во домаќинствата, и да се зголеми цената за денар два, нема да влијае на нашиот буџет затоа што сме имплементирале мерки за енергетска ефикасност“, рече Александар Дединец, МАНУ.

Инаку, Дединец е еден од креаторите на енергетската стратегија на земјава заклучно со 2040 година. Во однос на животната средина тој вели дека владата со институциите мора да соработуваат многу посериозно и да работат на енергетски проекти. Министерството за екологија во таа стратегија меѓу другото, има обврска да ги одржува мерните станици и да го спороведува планот за чист воздух. Но, последните информации се дека десет мерни станици кои треба да го мерат степенот на аерозагаденоста не работат.

„Не би можел да ви дадам конкретни инфомации кога тие ќе бидат активни и функционални. Ние веќе ги нарачавме деловите на мерните станици. Штом пристигнат истите ќе бидат инсталирани и ќе ве информираме навремено за нивната функционалност“, изјави Насер Нуредни, министер за животна средина.

За владата клучна реформа во енергетскиот сектор беше носењето на Законот на енергетика и либерализацијата на пазарот со струја.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button