ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Почна уривање на платформите на атрактивни плажи во Охрид, концесионерите реагираат

Охрид ќе остане без најатрактивните плажи. Градежната механизација и работни екипи ангажирани од општината почнаа со отстранување на платформите и објектите во вода на плажите кои се опфатени со Генералниот урбанистички план. Целата акција се спроведува под силно полициско обезбедување. Дел од приодите кон овие плажи се затворени. Закупците се револтирани и велат дека без работа ќе останат стотина семејства и оти никој за ништо не ги информирал.

Advertisements

„Во 2007 година ни дадоа проект како да изгледа плажата. Од тогаш до денес не е мрдната ни лево ни десно. Револтот е во тоа што никој од надлежните органи не дојде да каже како треба да изгледа ова, што е планот понатаму. Кои мерки ние да ги преземеме. Ако смета платформата на УНЕСКО, ќе ја отстраниме. Но, за жал ниту известување ниту некој дојде да праша што се случува. Сега не знам, се мислиме каде да си го бараме чарето“, рече Марјан Маловчев-менаџер на плажа.

Маловчев вели дека и покрај се, редовно ги подмирувале давачките за концесија кон општината, заклучно со 28 февруари 2021 година. Сегашните концесионери не сакаат да помислат дека после ова, некој друг ќе ги добие овие плажи. Правните застапници велат дека ги разгледуваат сите опции кои им стојат на располагање за да се спротивстават на ваквиот чекор на општината.

„Сѐ уште не е добиено никакво решение за уривање, иако во моментов се постапува, дел доброволно, дел присилно. Сметаме дека е сериозно пречекорување на овластувањата на општината да го решава надвор од правните регулации нејзиниот проблем на раководење на крајбрежјето на овој начин. Сметаме дека е претерано покажување на сила“, рече Михаил Кичеец, адвокат.

Од општина Охрид велат дека се цврсто решени да воведат ред и да стават крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје.

„Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото. Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите“, велат од Општината.

Плажите веќе неколку дена не работат затоа што им е исклучена струјата. Во текот на наредните денови ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“, додаваат од општината.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button