Судот не донесе пресуда за Тортура и го реотвори случајот

Сашо Мијалков денеска се спаси од евентуална пресуда за нечовечко апсење на Љубе Бошковски во 2011 година за што е обвинет во предметот „Тортура“.Судијката Александра Ристеска не ја соопшти пресдуата, туку рече дека ќе го преотвореле судскиот процес. Причина за ова биле нејаснотиите во доказите и фактите од страна на обвинителството и одбраната. Советот на судии предводен од Ристеска, моментално не можел да донесе одлука бидејќи од досегашните докази не им било јасно што сторил секој од обвинетите.
За членовите на Советот остана неразјаснето прашањето по однос на видот, карактерот и обемот на употребената сила, закана и отпор. Имено, овие поими коишто се дејствија на извршување на кривичното дело и кои претставуваат предмет на поднесеното обвинение во текот на доказната постапка останаа неразјаснети во целост. Поради што во моментов постои фактичка пречка за донесување на мериторна одлука од страна на овој судски совет – изјави Александра Ристеска, судијка.
Обвинителот Љубомир Лапе, беше изненаден од одлуката на Судот. Според него, во обвинението сè е прецизно и јасно.
Треба да го прочитам решението, да видам што е тоа што останало нејасно за да би можел да ви одговорам на вашето прашање. За мене е јасно. Штом сум останал при тоа обвинение со таков диспозитив и таков опис, за мене е сосема јасно. Меѓутоа, судската одлука претпоставувам ќе биде образложена, па ќе можам дополнително да се произнесам – рече Љубомир Лапе, обвинител.
И додека обвинителот очекувал осудителна пресуда, адвокатот на Мијалков очекувал ослободителна пресуда.
И самиот судски совет, ако внимателно го слушавте, а го слушавте, изрази сомнеж дека поради тоа што фактите не се утврдени на начин којшто недвосмислено му дале за право да одлучи законито и правилно, а тоа е поради нејасност на дејствијата на извршување, јас очекував и денеска судскиот совет да донесе ослободителна пресуда – рече Љупчо Шврговски, адвокат на Сашо Мијалков.
На 8 и на 14 јули во кривичниот суд ќе почне појаснувањето на доказите и фактите за случајот „Тортура“. Екс-директорот на тајната полиција е обвинет за поттикнување на шест припадници на поранешната полициска единица „Алфа“ за нечовечко и понижувачко апсење на Бошкоски. Мијалков досега е осуден за три дела. За масовното прислушување во „Таргет-Тврдина“ доби 12 години, за „Трезор“ за злоупотреба на државни пари при набавка на опрема за УБК осум години, а затворска казна доби и за изборни нерегуларности за Титаник2, но овој предмет е вратен на повторно судење.
Игор Стефановски