Земјите од регионот ќе се борат заеднички против корупцијата

Корупцијата е сериозен проблем за Македонија и за земјите од регионот. Експертите за сузбивање на оваа појава сметаат дека корупцијата е присутна и при јавните набавки, што значи дека за парите на граѓаните, не се добиваат планираните добра и услуги. Затоа денеска во Охрид земјите од Западен Балкан добија Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансиски текови. Им беше порачано дека треба да се ажурираат законските и подзаконските податоци како и базата на податоци во однос на пријавување на имотната состојба. Потребни се реформи на институциите за борба против криминалот и корупцијата и креирање на специјализирана мрежа на обвинители и единица за финансиско разузнавање, со цел да се зголеми одземањето на нелегално стекнатиот имот и спроведување финансиски истраги.
„Да се зајакнат мерките против антикорупција во јавните набавки, а исто така ќе се развијат и можности и капацитети за да се проценат ризиците против корупција. Исто така надзорот и мониторингот на јавните набавки треба да се зајакнат за да се намалат ризиците од корупција“, рече Вирџинија Абајо-Маркез-Регионален советник за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан.
„Тие всушност овозможуваат организиран криминал, сиромаштија и ја поткопуваат демократијата. Ова треба да ни овозможи да се одржиме на добар пат и да имаме јасна насока каде и како треба да се движиме за да се справиме со корупција во јавните набавки и стекнување на незаконски имот“, изјави Рејчел Галовеј-амбасадорка на Обединето кралство.
За македонските политичари, борбата се одвива добро и многу е направено до сега.
„Борбата против корупцијата е едно од клучните приоритети на оваа влада во овој мандат и е на врвот на приоритетите и на програмата за работа на владата, особено за 2021 година и за нашиот концепт акција 21, носење на европските стандарди дома“, рече Љупчо Николовски, заменик премиер за борба против корупција.
„Ако се осврнеме на разноликоста на организираниот криминал и корупција во сите нивни форми, како и нивната позиционираност во високите слоеви на општеството, станува јасно зошто е широка распространетоста на оваа општествена девијација, опфаќајќи ги дури и институциите на прогонот и судовите, со што дополнително се усложнува борбата со овој феномен. Ова е општествен проблем кој не се решава преку ноќ. Проблемот е системски и за негово решавање е потребно време“, рече Бојан Маричиќ-министер за правда.
Усвоениот патоказ ќе се фокусира на неколку клучни области како што се јавните набавки, системите за обелоденување на имот, приходи и камати и создавање на агенции за спроведување на законот и единици за финансиско разузнавање во регионот. Оваа мрежа ќе се фокусира и на криумчарење пари, перење пари преку секторите за недвижнини и спортот.
Мики Трајковски