Опозицијата ќе го блокира Законот за еколошка такса

Опозициските партии ќе ја блокираат предложената еколошка такса на Владата со која се предвидува зголемување на цената на горивата за 3,5 денари без ДДВ. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе ги искористат сите механизми за блокада, бидејќи целта на Владата е да го полни буџетот на сметка на граѓаните, а не да инвестира во зелен развој.
„Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што најдобро го знае, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите антипазарни политики меѓу кои и високите даноци“, рече Тимчо Муцунски- пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
За коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива блокадата на овој закон е неизбежна, зошто не е дефинирано како и каде точно ќе се троши парите собрани од оваа такса.
„Нашиот став е дека сме против ваквата такса бидејќи директно удира врз граѓаните кои и онака се погодени. Треба да ги искористиме сите демократски механизми кои ни ги дозволува деловникот на Собранието. Ние во понеделник закажавме состанок на парламентарната група и ќе заземеме поконкретен став, но сум убеден дека сите наши постапки ќе бидат во функција на спречување и негласање на оваа мерка на Владата“, рече Елми Азири- Пратеник Алијанса за Албанците.
Со реакција за најавената блокада се јавија од седиштето на СДСМ одговарајќи само на ВМРО ДПМНЕ дека со блокади се прават погубни политики за целата држава.
„Ништо ново од ВМРО ДПМНЕ, партијата предводена од деструктивниот Христијан Мицкоски знае само за блокади и деструкции на се што е во интерес на државата. ВМРО ДПМНЕ, кое блокираа носење антикризни мерки среде корона, сега најавуваат блокада на мерки за еколошки инвестиции. Оваа партија е најголем штетник по здравјето на граѓаните“, наведоа од СДСМ.
Алсат побара одговор и од Владата дали и што ќе преземе за најавената блокада и дали можното неносење на оваа такса ќе се одрази врз буџетот. Но до овој момент не добивме одговор. Планот е за една година во буџетот да се соберат 54 милиони евра од оваа давачка која според Владата ќе се намени за инвестиции во обновливите извори на енергија.
Андреа Чобанова